skip to Main Content

„Нефер свет“ и „Поликсени“ го затвораат Фестивалот на грчки филм и култура

„Нефер свет“ и „Поликсени“ го затвораат Фестивалот на грчки филм и култура
  • 27.10.2019
Со проекцијата на филмовите „Нефер свет“ на Филипос Цитос и „Поликсени“ на Дора Масклавану денеска завршува годинешното издание на Фестивалот на грчки филм и култура.
Во 18 часот во кино „Милениум“ е проекцијата на филмот „Нефер свет“. Сотирис е полициски иследник во Атина, кој има опсесија: мора да биде фер. Тој ги суди осомничените според неговиот личен морал, но спротивно од законот. Со намера да спаси уште една невина душа, тој случајно убива човек.
Дора е единствениот сведок на злосторството. Таа е сиромашна чистачка која живее мачен живот. Борбата за преживување ја натерала да биде нефер. Праведниот Сотирис и неправедната Дора си се допаѓаат еден со друг. Но љубов, искреност и праведност не се лесни за спојување…
Филипос Цитос (1966) е роден во Грција, но од 1998година живее во Берлин. Студирал бизнис администрација и работел како фотограф, асистент на режија, музички супервизор и радио продуцент. Во Берлин студирал филмска режија на академијата за филм и телевизија на Германија. Неговиот краток филм „Зборувај ми за љубовта“ (1994) ја добива златната награда на германските студентски филмски оскари. Неговиот прв долгометражен филм „Мојот сладок дом“  беше единствениот германски учесник на Берлиналето во 2001 во главната конкуренција. Филмот „Академијата на Платон“ беше награден на филмскиот фестивал во Локарно во 2009 со наградата за најдобар актер, Екуменската награда, а беше номиниран за Лукс наградата во 2010. Неговиот трет филм, „Нефер свет“ беше во главната конкуренција на филмскиот фестивал во Сан Себастијан во 2011.
Во 20 часот, пак, во „Милениум“ е проекција на филмот „Поликсени“. Во 1955 година, грчка двојка, видни граѓани на Истанбул, посвојуваат девојче – сираче од нивниот роден град во Грција. Тие ѝ нудат моќно презиме и ѝ ветуваат убава иднина. Дванаесетгодишната Поликсени е разделена од нејзиниот помал брат. Таа се впушта во нов живот и иднина која делува светла. Добива образование, станува возрасна и се заљубува. Има страст за животот, несвесна за подлите планови за уништување што другите ги плетат зад нејзиниот грб целејќи кон нејзиното големо наследство.
Дора Масклавану (1960) е режисер, сценарист и актерка. Нејзиниот прв долгометражен филм „Утре е нов ден“ имаше позитивни критики , а вториот „Доаѓам како пријател“ ѝ донесе уште повеќе внимание и учества на фестивали.  Во забележливите професионални успеси на Дора се вбројува и сценариото на последниот филм на Филипос Цитос „Нефер свет“, кој беше презентиран во главната конкуренција на филмскиот фестивал во Сан Себастијан во 2011 година. „Поликсени“ е нејзин трет долгометражен филм.
Back To Top