skip to Main Content

Незаборавна вечер со врвни уметници на „Охридско лето“

Незаборавна вечер со врвни уметници на „Охридско лето“
  • 08.08.2018

Еминентната виолинистка Ајман Мусакјајева, заедно со своите колеги, италијанските пијанисти Марко Скиаво и Серџо Маркеџани, во придружба на Камерниот оркестар „Академија на солисти“ од Казахстан, синоќа на „Охридско лето“ донесоа фантастична проекција и маестрално музицирање кое допре до сетилата на фестивалската публика.

Импресивната изведба на делата од Едвард Григ, Леополд Кожелуч, Камиј Сен-Санс, Пабло де Сарасате, Жил Масне, Франц Ваксман и Жорж Бизе се одвиваше под диригентската палка на маестро Гудјон Емилсон од Исланд.

Мусакјајева е виолинистка со блескава кариера со редок сензибилитет и  префинета естетика. Основач е на Државниот камерен оркестар „Академија на солисти“, во кој ги ангажира најдобрите млади музичари од Казахстан. Овој оркестар на своите настапи изведува музика од најразлични епохи и стилови, но, пред се, се смета за еден од најзначајните афирматори и промотори на казахстанската музика и традиција во светот.

Дуото Марко Скиаво и Серџо Маркеџани е едно од најактивните италијански пијано дуети. Во светот се познати по уникатното музицирање, експресивноста, убавиот звук, интензитетот и огромната енергија во своите изведби.

Гудни А. Емилсон е исландски диригент, добитник на голем број национални и интернационални награди со богата кариера и бројни настапи на познати музички сцени.

Back To Top