skip to Main Content

Медена земја е осми најдобар филм за 2019 според „Rotten Tomatoes“

Медена земја е осми најдобар филм за 2019 според „Rotten Tomatoes“
  • 11.10.2019

Документарецот Медена земја, на режисерите Тамара Котевска и Љубомир Стефанов, се наоѓа на 8-мото место на листата на најдобри филмови за 2019 година која ја прави интернет-сајтот за филмски критики „Rotten Tomatoes“, пренесува Радио МОФ.

Листата се надополнува секоја недела, а македонскиот филм добил дури 99% позитивни критики од критичарите на интернет-страницата, додека сите топ-критичари дале позитивна оценка за документарецот во кој е прикажан животот на Атиџе Муратова, една од последните одгледувачи на диви пчели во македонско овчеполие.

„Ова е еден од најдобрите филмови годинава… Одново и одново, додека го гледав, се прашував – како го снимиле овој кадар?“, вели топ-критичарката Кристи Лемир, од „FilmWeek“.

„Елегантен филм… почнува како интимен портрет на плечарката која прави славно убав мед, а потоа се проширува во парабола“, вели во својата критика Џон Пауерс од NPR.

„Медена земја е истовремено продлабочено доживување и неспорно прекрасна рефлексија на нашиот однос кон природата“, вели Моника Кастиљо од RogerEbert.com.

На листата на „Rotten Tomatoes“ се наоѓаат вкупно 120 филмови од оваа година. Меѓу нив и некој од најголемите холивудски блокбастери како Авенџерс и Капетанка Марвел, но и филмови како „Павароти“ на Рон Хауард и „Беше еднаш во Холивуд“ на Квентин Тарантино.

На првото место на листата се наоѓа корејскиот филм „Паразит“.

извор:либертас.мк

Back To Top