skip to Main Content

Мастерклас со лауреатот Ед Лакман на ИФФК „Браќа Манаки“

Мастерклас со лауреатот Ед Лакман на ИФФК „Браќа Манаки“
  • 18.09.2019

Првата половина од јубилејното издание на ИФФК „Браќа Манаки“ се заокружува со мастерклас на добитникот на наградата „Златна камера 300“ за животен опус, која годинава му припадна на Ед Лакман, со децении во врвот на американските и светските кинематографери

На денешниот мастерклас во Битола се очекува Лакман да зборува за својот студентски живот на универзитетите во Харвард, Тур – Франција и Охајо, каде во 1969 година дипломирал  сликарство и,  секако, за бројните филмови во кои се потпишал како кинематографер.

Иако физички хендикепиран, Ед Лакман, деновиве во Битола импресионира со својата креативна енергија и токму затоа со нетрпение се очекува пладневниот мастерклас посветен на неговите кинематограферски почетоци од 1970-тите, за најновите три целовечерни играни филма за оваа и следната година, односно филмот „ Гледачи“ најавен за продукција, потоа филмот „Човекот од Рим“ кој е во претпродукција и „Ненасловениот проект на режисерот од Хејнс“ во  постпродукција, со што Лакман се приближува до бројката од 100 снимени филмови.

– Работејќи со многу режисери во САД и Европа, неговиот креативен израз го красат разновидни стилови кои се во зависност од играната или документарната форма, прилагодувајќи се и на креативниот процес и сензибилитет на конкретниот режисер.  Дека Лакман секогаш е врзан за камерата зад која со љубов застанува, доказ се и соработките како снимател со уште други познати колеги кинематографери, посочува во описот на опусот на Лакман, уметничкиот директор на ИФФК „Браќа Манаки“, Благоја Куновски-Доре.

Мастер класот со Ед Лакман ќе се одржи во големата сала на НУ Центар за култура-Битола во која вечер ќе бидат прикажани филмовите во конкуренција – „Ајка“ во кој кинематографер е Јоланта Дилевска од Полска и филмот „Пирани“ во кој кинематографер е Даниеле Ципри од Италија.

Back To Top