skip to Main Content

Македонската филхармонија ја одбележува 100-годишнината од раѓањето на Леонард Бернштајн со симфонискиот концерт насловен „Бернштајн 100“

Македонската филхармонија ја одбележува 100-годишнината од раѓањето на Леонард Бернштајн со симфонискиот концерт насловен „Бернштајн 100“
  • 26.03.2018

Македонската филхармонија во четврток (29 март) со почеток во 20 часот ќе одржи концерт во чест на славниот американски композитор Леонард Бернштајн.

Под диригентство на маестро Тимоти Редмонд од Велика Британија, ќе бидат изведени две дела од богатиот опус на Берштајн – симфониската свита „На брегот“ и три танцови епизоди од мјузиклот „Во градот“.

Бернштајн, кој почина во 1990 година, е еден од првите американски диригенти и композитори кој постигнал светска слава.

Добитник е на повеќе „Еми“ награди и се смета за една од највлијателните личности во историјата на американската класична музика. Диригирал со скоро сите големи американски оркестри, а во шеесеттите години од минатиот век бил диригент на престижната Њујоршка филхармонија.

Компонирал симфонии, опери, балети, концерти, камерна и вокална музика. Светската слава ја стекнал со мјузиклот „Во град“ од 1944 година, но и со „Приказна од западната страна“. И двата музикли се снимени и во филмска верзија.

Неговите дела имаат изразени карактеристики од американската култура, проткаени со елементи на џезот.

Солист на концертот е еден од најголемите виртуози на денешнината, германско-францускиот виолончелист Николас Алтштед.

Алтштед е еден од најбараните солисти, диригенти и уметнички режисери, постојано ја освојува публиката изведувајќи дела од периодот на барокот, па се до современите творби.

Настапувал со бројни оркестри и филхармонии од Европа и светот, со диригенти како Роџер Норингтон, Лахав Шани, Владимир Ашкенази, Невил Маринер, Владимир Федосеев, Фабиен Габел, Џовани Антонини, Андреа Маркон, Александар Шели…

Диригентот Тимоти Редмонд од 2006 година ја предводи Филхармонијата на Кембриџ и диригира со сите водечки британски оркестри, меѓу кои и со Лондонскиот симфониски оркестар, Кралскиот филхармониски оркестар од Ливерпул, оркестарот на градот Алстер, филхармониските оркестри на Би-Би-Си,оркестри во Франција, Белгија, САД, Финска, Босна и Херцеговина, и работи на оперски продукции.

Back To Top