skip to Main Content
ТОП ВЕСТИ
Османи оптимист дека многу бргу ќе се најде решение за законот за ЈО
Заев: Секој предлог за законот за јавно обвинителство е вреден за внимание
ВМРО-ДПМНЕ достави предлог за законот за ЈО

Луксузни парчиња од керамика од пред нашата ера пронајдени на археолошкиот локалитет Градиште-Антигонеа во Неготино

Луксузни парчиња од керамика од пред нашата ера пронајдени на археолошкиот локалитет Градиште-Антигонеа во Неготино
  • 12.09.2019

Луксузни парчиња од керамика од пред нашата ера се пронајдени на археолошкиот локалитет Градиште во Неготино.

Директорката на Музеј на град Неготино, Драгица Чекорова за МИА информира дека во тек се годинашниве археолошки истражувања кои се реализираат од страна на стручен тим составен од археолози, професори и студенти и тоа од НУ Археолошки Музеј на Северна Македонија и Универзитетот од Гдањск од Полска, а партнер во овој меѓународен проект е и општинската установа со која таа раководи.

Како што појасни  д-р Роберт Петковски, раководител на проектот и виш кустос од НУ Археолошки музеј  на Република Северна Македонија, од досегашното истражување констатирано е дека „Градиште – Антигонеа“ е раноантичка населба која има хронологија, засега утврдена од 5-4 век п.н.е. до 1-2 век од н.е., иако на самото Градиште се среќаваат и остатоци од доцната антика.

-Градот интензивно живеел низ овие векови, додека за доцно-античкиот период археолозите се уште немаат податоци, со исклучок на неколку објекти и бедемот. Од досегашните истражувања на овој локалитет се пронајдени голем број на археолошки наоди, претежно од керамика, метал и стакло. Оваа година истражувањата се одвиваат во северниот дел на локалитетот на акрополата во сектор D/5 и квадратите од 1-8, т.е. во сондите во кои се истражуваше во претходните две години, нагласи Петковски.

По претходните припреми на теренот, посочи, косење на тревата, а потоа и корнење, се започна со археолошкото истражување од кое во овој период се пронајдени 14 монети, глава од теракота, бронзена алка, керамички печат, метална пиксида, дел од столб, многу фрагменти керамика меѓу кои и луксузни парчиња од tera sigillata, како и керамика со втиснати печати со флорална декорација и птичји мотиви, тегови и слично.

-Треба да се истакне фактот дека во последниве три години на истражување во квадратите од 1-8 се пронајдени (6) шест печки и (4) четири мелници кои укажуваат дека тука можеби постоела пекарска работилница. Исто така, треба да се истакне дека пронајдените елементи камена пластика (столбови, капители) припаѓаат на постара фаза, т.е. се од хеленистички период и секундарно се употребени во римскиот период при градење на објектите, прецизира Петковски.

Овие денови привршуваат овие археолошки истражувања на локалитетот „Градиште“ и се работи на целосно дефинирање на ситуациите и квадратите се припремаат за документирање, вели раководителот на проектот.

Back To Top