skip to Main Content
ТОП ВЕСТИ
Раскинувањето на Договорот за Казандол законито пресуди Управниот суд
На хирургија во Струга заболени девет здравствени работници од морбили
Прво писмо на Асанж по апсењето: Обиколен сум со убијци, не ми даваат да се бранам
Утре на Бихаќка и дебата за промена на кадри во извршната власт
ЗА СЛЕДЕЊЕ НА ПРОГРАМАТА ВО ЖИВО: WWW.LIVE.1TV.MK
ПРОСЛЕДЕТЕ ГИ СИТЕ ВИДЕО СОДРЖИНИ НА YouTube КАНАЛОТ НА 1ТВ
НАЦИОНАЛНАТА ТЕЛЕВИЗИЈА 1ТВ СИТЕ ГЛЕДАЧИ МОЖАТ ДА ЈА СЛЕДАТ НА КАБЕЛСКИТЕ ОПЕРАТОРИ: MAXTV; VIP; TELEKABEL; NEOTEL; ONE.VIP; TOTAL TV

Лихнид – градот на светлините и светостите!

Лихнид – градот на светлините и светостите!
  • 21.04.2019

Денес ќе ве водам до „колевката на писменоста“ – Охрид, градот на светлината и мирот во душата, од кадешто јас се вратив пред една недела.

И бев само неколку часа (кои ги поминав со мојата најдрага Маријана Крстаноска, школска другарка од Гимназија која ја немав видено повеќе од 10 години, ама ете, „случајно“, таа ме најде), на враќање од Дубровник, но, и тие неколку часа се доволни, човек од овој град да се врати со одморени очи од синилото, со исчистени гради од мирисот на калдрмата и опиена душа од убавината на глетките. И покрај напорното ноќно патување одејќи натаму, преку Црна Гора и Албанија, сѐ до Струга, (не претпочитувам да патувам ноќе, особено не со автобус), и нељубезноста на возачите кои јуреа по мрачните албански улици со брзина на светлината возејќи автобус постар и од мене, Љубин сепак стигна жив и здрав до Струга!

Зедов здив неколку часа во хотел Дрим, ѝ дадов издишка на душата, спокој од мирисот на дома, на свое, на патлиџан на четири пресечен, на сирење од Подгорци и плашици од водана мирна, на наши стрни прелетнат – да видам Охрид, Струга да видам!

Охрид е град во југозападниот дел на Македонија, на североисточното крајбрежје на Охридското Езеро, кое по градот го носи и своето име.

Градот и неговата околина изобилуваат со мноштво цркви и манастири, па затоа е познат како Балкански и Европски Ерусалим.

Охрид е познат и како „град на светлината“, што претставува буквален превод на неговото старо име – Лихнид. Охридскиот регион е исто така одамна вклучен во светското наследство на УНЕСКО и е под негова заштита.

Според една друга легенда, која ја запишале некаде Браќата Миладиновци, кога се правела Охридската крепост, царот Јустинијан, се качил на еден од ридовите на кои лежи, и гледајќи ја прекрасната околина извикал: „Ох рид“, т.е. каков убав рид и оттогаш останало градот да се вика Охрид. Но, факти и потврди за легендите не постојат.

Сепак, современиот Охрид е наследник на античкиот град – Лихнид. Според податоците, градот, првпат се споменува 2400 години п.н.е. Лихнид се наоѓал на патот Виа Игнација, наjстарата и наjзначаjна римска сообраќаjница на Балканот која водела од Рим до Константинопол. Бригијците и Енхелеjците го сочинувале наjстарото население, и истото може да се идентификува и потврди во пошироката област на Охридското Езеро.

По завршувањето на третата македонска воjна против кралот Персеј, Лихнид ќе стане главна римска база во северните области на Македониjа. Токму тоа е периодот во кој градот станува важен центар, за што постојат и многу записи. Последното споменување на Лихнид е веста за неговото разурнување. Во еден земјотрес, коj според историските извори се случил на 29 и 30 мај 526 година, настрадале повеќе десетици илjади лица во Лихнид. По овој настан, градот повеќе не се споменува во историските извори.

Охридската област, кон краjот на VI век била изложена на масовна словенска колонизациjа. До 30-тите години на VII век била целосно колонизирана од словенското племе Берзити. Токму во тој период, Лихнид станал – Охрид.

Во 886г., Климент, по кратко задржување во бугарскиот двор, бил испратен во Македониjа со важна државна мисиjа. Бил назначен за учител во областа  Кутмичевица, која   jа опфаќала Југозападна Македонија и Јужна Албанија, со Охрид и Девол, како главни градови.

Во својство на учител и епископ, Климент, заедно со Наум, ги поставиле основите на Охридска глаголска книжевна школа. Благодареjќи на нивната деjност, градот Охрид, во втората половина на IX век, израснал во еден од наjразвиените и наjпознатите средновековни словенски културни центри.

Во време на царот Самуил, Охрид станал религиозен центар и главен град на царството. Неговите тврдини и ден денес стојат високо над самиот град и го чуваат од зло.

Но, доста е со историја!

 

Јас, Охрид го сакам поинаков. Со сите негови марифети, кајчина, бисерите од Филеви, со сите галеби и лебеди, со приказните рибарски и „скопско-охридските“ шеги.

  • Смештај да не требит?
  • Оние, скопјанишчана не знајат шо сакат.

Последен пат во Охрид на лето бев пред некоја година. Домаќинот – таксист по професија, ми го даде целиот прв кат од куќата изградена пред педесетина години, со ѕидови широки еден метар кои мирисаа на мир и цвеќиња, оти тие, домаќините, така си ги зачувале.

Пред собата, огромна шефлера и фикус, под прозорецот – капини, лешник и лаванди.

А од прозорецот натаму – цела Галичица, градот убав и потаму, езерото.

Утрото кога стигнав, како и секое утро, си станав на први петли, да ја украдам сончевината. Излегувам во дворот, и пред мене гледам божури, рузмарин, темјанушки, цреши, капини и малини и два огромни бора.

И една верверичка која се шета со мене низ дворот.

И си велам – на арно ќе да е, си стигнал кајшто треба!

Кафето се заврши, домаќините ги испратив на работа, им го подарив мојот роман „Калина и бикот“, како благодарност за мирот, им кажав дека каменот во дворот не е охридски, тие се зачудија и ми кажаа дека е од Радика, и ме оставија да си мирувам.

Под куќата ми беше црквата на Пресвета Богородица од 1832 г., па како што е редот, прво во црква, си запалив свеќа, си купив икона од Апостол Павле (оти па претходно раскажував за неговото обраќање кон Коринтјаните за љубовта), си помуабетив со клисарите, запознав четири дами од Белгија кои ги прошетав низ црквата и им ја раскажав на три јазика, и потоа, по калдрмата – до чинарот! Од чинарот – на пазар! Муабети – сакаш ли!

Од кавалџии до тенеќиџии, од грнчари, до рибари! На бабите од Холандија кои си купуваа глинени садови им раскажав како се прави турли тава во нив, си купив ракија и цреши, краставица и Нова Македонија, си се вратив во дворот, комшијата ми ја направи салатата, и си велам – ете и добри охриѓани имало. Нескржави.

Оти па секаде има добри луѓе, ако ти си добар со нив! Потоа денот си течеше по свое, и со добро и со лошо! Оти па многу арно, не е на арно!

Следниот ден не започна најдобро, ама заврши со добро. Сретнав добри пријатели од Велес, со кои мирно се вратив дома.

А за Плаошник, 365те охридски цркви, за Канео, за Св. Кирил и Методиј, св.Наум, за охридските меани, за високите цени и марифетите на охриѓани – понекогаш, е,  за тоа нема да ви раскажувам јас, ќе ве оставам сами да си откриете!

Мене важно следниот ден ме сретна една од бабите од Белгија на кејот и ме прашаше дали ми била мирна душата?

Мирна ми е – ѝ реков.

И да, имам јас таму една прекрасна пријателка Марина, која има Фенг Шуи продавница на калдрмата, полна со ѕвона и мир, која знае секогаш да ми ја смири душата, кога ми е немирна.

Најдете си и вие таква пријателка, верувајте ми, важно е во животот да се има барем една!

Имајте убав ден, драги мои!

Автор на текстот: Димитри Соле Љубин – поет и писател

1tv.mk: Преземањето на авторски содржини обајавени на оваа страница е дозволено само делумно (маx. до 30 насто од содржината) и со ставање хиперлинк до содржината којашто се цитира. Непридржувањето до ова правило ќе значи крадење на информациите и соодветно ќе се санкционира од страна на BMJ Мedia Group, согласно позитивните законски норми.

Back To Top