skip to Main Content
ТОП ВЕСТИ
(Видео) Со дрон во Скопје откриен потпалувач на оган
Веќе е извесно дека завршница за предметите на СЈО ќе има
Вистиномер.мк: Химната не е отстранета од образовните програми за основците
Анѓушев: Едно семејство не може да живее со 200 евра плата, минималната плата мора да расте

Казахстанската изложба „Великата степа: историја и култура“ од утре во Археолошкиот музеј

Казахстанската изложба „Великата степа: историја и култура“ од утре во Археолошкиот музеј
  • 10.07.2019

Во Археолошкиот музеј утревечер во 19 часот ќе биде отворена изложба за културното наследство на Казахстан – „Великата степа: историја и култура“ од Националниот музеј на таа азиска земја. Во фокусот на изложбата е Златниот човек од 5 век п.н.е. познат како „казахстански Тутанкамон“ кого научниците го идентификувале како 18-годишен воин од скитското племе Сака. Откриен бил од археолозите во 1969 година во гробница на локалитетот Исик, 50 километри источно од градот Алмати. Покрај златниот воин, изложбата ќе претстави речиси 200 други вредни археолошки наоди, меѓу кои и сребрената чаша од Исик со сè уште недешифриран натпис, значајна зашто сведочи дека писменост во Великата степа во централна Азија постоела и пред три илјади години.

Пред утрешното отворање на изложбата, која ќе може да се посети до средината на август, директорот на Археолошкиот музеј Горан Санев денеска на прес-конференција искажа задоволство што токму тие се први на Балканот што еден месец ќе ја угостат оваа ексклузивна изложба, која досега била поставена во осум градови (Минск, Москва, Баку, Сиан, Гдањск, Сеул, Казан и Ташкент). Според него, тој факт кажува дека е препознаен високиот професионализам, сериозност и искуство на Археолошкиот музеј.

-Изложбата нема да ве остави рамнодушни. Оваа приказна започнува во четвртиот и третиот милениум пред нашата ера, со првите докази за доместификацијата на коњот и неговата последователна улога во животот на номадските народи на степите. Продолжува преку наследството на античкиот народ Сака за да заврши со бисерите на материјалната култура и народната традиција на денешен Казахстан. Сепак, во фокусот на изложбата е веројатно најзначајното археолошко откритие и симболот на Казахстан – Златниот човек на Сака од 5 век п.н.е., нарекуван уште и казахстанскиот Тутанкамон, рече Санев.

Директорот на Казахстанскиот музеј Нуразхан Алмаз Шајкенович истакна дека Северна Македонија годинава е трета дестинација на нивната изложба затоа што, рече, имаат добра соработка и во минатото. Досега се пронајдени осум златни војници кои ги чуваат во нивниот музеј. На изложбата претставуваат еден од нив, а планираат сите заедно првпат да ги претстават на изложба во САД.
– Меѓу пронајдоците се таксајската царица, големо погребување целосно во златна облека и со тринаесет коњи. Пронајдени се и осум златни луѓе, како што ги викаме. Настапуваме со тој што е откриен во 1969 година, кој е симбол на Казахстан и го има називот „казхастански Тутанкамон“. Се гордееме со него и со овие патувања сакаме да му покажеме на целиот свет за нашата историја, истакна Шајкенович.

Back To Top