skip to Main Content

Изложба на дела од Нове Франговски во Подгорица

Изложба на дела од Нове Франговски во Подгорица
  • 25.10.2018

Осумдесет и три дела од циклусот „Собитија“ на Нове Франговски (1939-2017) ќе бидат претставени на изложба во „Галерија Арт“ во Подгорица. Изложбата ја организираат Музејот на град Скопје (МГС) и Музеј и галерија Подгорица. МГС соопшти дека со изложбата се опфаќа специфичен дискурс од развојот на творештвото на Франговски и дека најновиот циклус дела досега е непознат на пошироката јавност.

-Последниот творечки опус на истакнатиот македонски сликар Нове Франговски е своевиден творечки рекапитулар по долгата авторска и животна патека, создаден како амалгам на сите научени и стекнати визуелни сензации и доживувања… Концептот на минијатурата има свој психолошки одѕив во уметничкиот порив на Франговски. Колку неговата акција бара простор и слобода да се соедини, да се спојат фигурата и апстрактниот ликовен вител, да станат едно, во последниот циклус дела наоѓа свое отелотворување и динамика, наведува МГС.

Франговски во 1966 година дипломирал на отсекот сликарство на Уметничката академија во Белград. Во  1973 година се запишал на специјализација на Академијата за ликовни уметности во Рим. Од 1968 имал 25 самостојни изложби и повеќе од 120 учества на групни изложби во Македонија и во странство. Во 1990 година ја основаше Галичката ликовна колонија.

Back To Top