skip to Main Content
ТОП ВЕСТИ
Јанева со полициска придружба замина за Гевгелија
Законски нејаснотии кој ќе управува со СЈО по приведувањето на Јанева
Судењето за „Монструм“ одложено за 5 септември
Се запали автубус на ЈСП во Ѓоче Петров
Косовското Собрание се самораспушти, се очекува датумот за избори
ЗА СЛЕДЕЊЕ НА ПРОГРАМАТА ВО ЖИВО: WWW.LIVE.1TV.MK
ПРОСЛЕДЕТЕ ГИ СИТЕ ВИДЕО СОДРЖИНИ НА YouTube КАНАЛОТ НА 1ТВ
НАЦИОНАЛНАТА ТЕЛЕВИЗИЈА 1ТВ СИТЕ ГЛЕДАЧИ МОЖАТ ДА ЈА СЛЕДАТ НА КАБЕЛСКИТЕ ОПЕРАТОРИ: MAXTV; VIP; TELEKABEL; NEOTEL; ONE.VIP; TOTAL TV

Д Фест – Д ден – Д димензија. И Дојран може да биде Лондон!

Д Фест – Д ден – Д димензија. И Дојран може да биде Лондон!
  • 16.07.2019

Ослободи ги умот и душата, и диши со Дојрана.

Во природата на човекот – Homo Sapiens, како општествено и социјално битие, природно е вградено чувството за споделување, за дружење, за блискост кон другиот – непознатиот, чувството за преживување, за создавање убавина и за делење на истата, за забава, за љубење на различниот, за љубов – и водење љубов.

За жал, сите горенаведени чувства, кои ги носиме некаде длабоко во својата ДНК низа А – Т – Ц – Г уште од раѓање, во лудилото кое секојдневно нѐ опкружува, а се нарекува „демократски капитализам“ на 21 век, ги забораваме или потиснуваме. Не по наша вина, по нечија друга – која мораме да ја следиме оти ни се налага секојдневно и ни се сервира како кавијар за ручек.

Но, за среќа, на Д – фест во Дојран, има сѐ друго што срцето и душата ќе ти посакаат, ама кавијар и шампањ – нема. За среќа.

На Д – фест можеш да бидеш она што сакаш, она што навистина си ти некаде длабоко во себе, да го правиш она што сакаш, да љубиш, да одиш бос, да се смееш, да сликаш ил пишуваш, да читаш поезија, да вежбаш јога или да играш тенис, да бидеш Робин Худ со стрела, да се лулаш на гума како мало дете, да свириш, да палиш и гасиш огнови, да бидеш самовила, светулка, магионичар, раскажувач и слушател, да водиш љубов, да прегрнуваш, да пиеш вино и ракија, да јадеш патлиџан – и ако немаш, некој од комшиите ќе ти даде, да разговараш со непознати, да се бањаш гол ноќе во езерото, да спиеш цел ден во некоја дебела сенка ил на плажа, да гледаш филмови, да дебатираш за Фројд или за Папата, или едноставно, да кулираш пред шатор.

Сѐ ти е дозволено. Сѐ.

Иако можеби до вчера си бил директор на банка облечен во најскап костум, или си бил ѕидар на некое градилиште, или си бил дипломат во Советот на Европа, актер, доктор, келнер, професор, шанкер, уредник, сликар, кувар, бизнисмен ил пекар – тука, тука си само човек.

Човек. И толку. Во својата основна, природна, наједноставна варијанта.

И никој нема да те препознае, ниту пак некој ќе те праша.

Нит кој си, нит што си, нит колку имаш ил немаш, нит дали си женет/мажена, нит дали си разведен, ни дали геј – стрејт – би, нит дали имаш/немаш куќа, зграда, палата, банка, џип или фиќо. Никој ништо нема да те праша.

А зошто?!

Затоа што тука сите се боси. Во песокта. Соголени и телесно и духовно. Сите спијат во шатори кои како камилици се наредени еден до друг, еден врз друг, го слушаш комшијата како `рчи цела ноќ и си продолжуваш да спиеш, во другиот шатор некој води љубов и не му е гајле дали ти го слушаш, оти тоа е сосема нормална, човечка, анимална потреба, некој ти паѓа врз шаторот сред ноќ оти испил малку повеќе, па стануваш и бесконечно заедно се смеете и го местите шаторот одново, некој вежба за утрешниот настап, некој игра фризби, некој чита на глас, некој гласно пее, други урликаат од смеа, девојка плаче од убавина под дрвото, пред неа момче медитира, до нив – човек пали оган за да се стопли.

Ако ти е ладно, комшијата ти дава ќебе, оти носи две, ако си сам, осамен, доволно е само да се насмевнеш, и веќе некој започнал да ти прави муабет, некој зборува македонски, друг француски, трет албански, некој подалеку зборува турски, англиски, италијански.

И сите се разбираат. Од прв до последен. Ако не разбираш – некој ќе ти преведе.

Ако немаш чаша, ќе ти позајми комшивката, ако си снемал пари, сите ќе зберат и ќе ти купат гајба пиво, ако ти е лошо, сите ќе ти помогнат, ако си гладен – ќе те нахранат.

Кавијар нема. И шампањ. Ама има макарони со сирење и кечап.

Гладен, не остануваш.

На Д – фест можеш да бидеш панкер, можеш да бидеш и металец, трансер ил скинер, фолкер ил виолинист, да имаш црвена четка на главата или да носиш шешир и лептир, да одиш без маица или да носиш Dolce&Gabbana кошула, да одиш бос или да носиш Gucci чевли, да бидеш ќелав или да имаш коса до половина, да си слаб, дебел, висок, низок, билдер, шаман, научник или маѓесник, поп ако сакаш биди.

Што сакаш биди. Она што си ти биди.

И пак наутро ќе стоиш во истиот ред со четката за заби и тоалетната хартија пред тоалет и ќе си чекаш ред, онаму кадешто нема машко – женско, сѐ е средно, и пак ќе се тушираш под иста чешма и комшијата ќе ти позајми шампон.

Доволно е да бидеш ти. Човек.

Homo Sapiens. Кој чувствува, сочувствува и дели.

Крај Дојрана нема тепачки. Нема кавги. Нема лутење.

Те згазил – те згазил. Извини, насмевка, и чао.

Те бутнал – те бутнал. Се занесол во музиката. Насмевка и чао.

Те посипал со пиво, арно де. Секако е жешко.

Фестивалот, и покрај малите пропусти, кои се сосема нормални при една таква голема манифестација и толкав број на луѓе на едно место, уште еднаш покажа и докажа дека заслужува да постои.

И дека Дојран, може да биде Лондон.

А македонците, можат да бидат луѓе. Сосема нормални, европски, културни, забавни, мили и добри.

Во душата.

Само треба да им се даде. Да им се дозволи да влезат во другата Д димензија.

Човечката.

Онаа, која во Дојран, верувам дека уште долго ќе постои.

Автор на текстот: Димитри Соле Љубин – поет и писател

Back To Top