skip to Main Content
ТОП ВЕСТИ
Груевски останува во Будимпешта
Шекеринска во Брисел: Билатерални средби со министри за одбрана на НАТО земји
Ексклузивно интервју со Бојан Јовановски – петок 21:00 во Отворено Студио 1
Презентација на втор мониторинг извештај за работата на Државното правобранителство- „Заедно во борба против корупција“
ЗА СЛЕДЕЊЕ НА ПРОГРАМАТА ВО ЖИВО: WWW.LIVE.1TV.MK
ПРОСЛЕДЕТЕ ГИ СИТЕ ВИДЕО СОДРЖИНИ НА YouTube КАНАЛОТ НА 1ТВ
НАЦИОНАЛНАТА ТЕЛЕВИЗИЈА 1ТВ СИТЕ ГЛЕДАЧИ МОЖАТ ДА ЈА СЛЕДАТ НА КАБЕЛСКИТЕ ОПЕРАТОРИ: MAXTV; VIP; TELEKABEL; NEOTEL; ONE.VIP; TOTAL TV

Дојдов, видов и си заминав!

Дојдов, видов и си заминав!
  • 14.04.2019

Така направив во Рим. Слетав два пати, првиот пат во 1999г., одејќи кон Перуџа на студии по италијански јазик на Universita` per stranieri di Perugia, како стипендист на Италијанската Влада.

Слетав и полетав со МАТ. И толку.

Вториот пат, во 2011г., кога одев на пат кон Израел, на работа на брод. Едвај полетавме од Софија со Bulgarian Airlines, едвај слетавме во Рим.

И слетавме, никој не нѐ пречека (иако тоа ни беше загарантирано од агенцијата која не ангажираше од Македонија, и на која ѝ плативме огромни средства за услугите). Требаше да бидеме сместени во Хилтон, со претходно потврдена резервација, ама во Хилтон, не знаеја ни кои сме, ниту од каде сме дошле!

За среќа, Љубин студираше италијански, па го крена Хилтон на нозе, и соба се најде! Не во оној кадешто не испратија, ами во другиот, на аеродромот Фјумичино.

Убав тој Хилтон, нормално дека е убав кога едно ноќевање чини 400 долари. Арно ама, едно пиво во Хилтон е 15 евра! А јас не фрлам пари по Хилтон, освен кога не ми е ќеиф на душата. И ѝм велам на моите двајца колеги, одам во Рим. Од хотелот има организиран трансфер на секои четириесетина минути, секако, да можеш да се прошеташ и да не ги слушаш авионите кои полетуваат и слетуваат на секои четириесет секунди.

Рим (италијански: Roma [ˈroːma], латински: Rōma) е главен град на Италија, посебна Општина, (позната како Comune di Roma Capitale) и главен град на Лацио. Со 2,877,215 жители на 1,285.3 км² исто така е и најголемиот и најнаселениот град и општина и четврти град по број на жители во рамките на Европската Унија. Околу четири милиони жители живеат во римското градско подрачје. Градот се наоѓа во централно – западниот дел на Италијанскиот Полуостров, на самата река Тибар во границите на областа Лацио.

Времетрањето на римската историја се проценува на две и пол илјади години, правејќи го еден од најстарите градови во светот кој сѐ уште егзистира. Рим бил главен град на Римското Кралство, Римската Република и Римското Царство, која била доминантна сила во Западна Европа и во земјите кои граничат со Средоземно Море околу седумстотини години, од I век п. н. е. сè до VII од н. е. Самиот град се смета за еден од родните места на западната цивилизација. Од I век од н. е. Рим бил седиште на Папата, и по завршувањето на византиската доминација, во 8 век станал главен град на државите со кои владеел Папата, период кoj траел сѐ до 1870 година. Во 1871 година Рим станал главен град на Кралството Италија, а во 1946 година и главен град на Република Италија.

Рим, во 2010г., бил рангиран како светски град од страна на „Организацијата за најважните светски градови“, како и 28-ми по ред најважен глобален град. Во 2016г., Рим бил прогласен за 13-ти по ред најпосетуван град во светот, 3-ти најпосетуван град во границите на Европската Унија, и најпопуларна туристичка атракција во Италија. Овој град е еден од најуспешните европски градови. Неговиот историски центар е на листата на УНЕСКО како светско културно наследство. Спомениците и музеите како што се Ватиканските музеи и Колосеумот се помеѓу 50-те најпосетувани туристички дестинации (музеите на Ватикан со 4.2 милиони туристи и Колосеумот со 4 милиони туристи секоја година). Рим бил домаќин на Летните Олимписки Игри во 1960 година.

Но, сето ова се само податоци, факти, бројки, пофалби, и понекогаш само измислени туристички атракции, за кои италијанците се махери. Тие можат да ви продадат сѐ, да го убедат цел свет дека Мостот на воздишките во Венеција ќе ви донесе вечна љубов (иако мостот го добил името по тоа што од едната страна имало затвор, а од другата бесилка, па тука затворениците го испуштале последниот здив пред да бидат обесени).

Или да го натераат секој турист да фрли некое евро во Фонтана ди Треви, за повторно ѓомити да се врати во Рим, од што градот годишно во просек инкасира по околу 2 милиони евра.

Секако, да ве однесат на терасата на Јулија во Верона, да се сликате и да закачите некој катанец за да ве фати магијата на љубовта, а всушност истата била ан (хотел) со штала за коњи и најголема биртија во текот на XVIII и XIX. Дури и балконот кој е сега дел од куќата, е донесен од некоја селска куќа и во 1920г. е само соѕидан на истата. Арно ама, Шекспир пишал што пишал, па италијанците тоа совршено добро го продаваат.

Јас земав една друга патека, го минав мостот на Тибар, ја видов реката, бршлените и црквите од сите страни, и тргнав по калдрмите. По Вистинскиот Рим!

Во Трастевере, боемската римска улица – стари меани, тратории на италијански, моторчиња, еден куп насмеани и расприкажани луѓе.

И гледам едно мало меанче со црвено бели чаршафи, и велам – овде! Се вика – Antica Locanda in Trastevere PAPA RE – cucina tipica romana – pizzeria! Се сместив,  си нарачав брускети со паштета од тартуфи и домашно вино. Дојде сопственикот Џанкарло, ме почести, ми кажа дека местото постои три века во сопственост на неговата фамилија, ме прошета низ ресторанот, ме запозна со персоналот, се изнасмеавме, се напивме, ми даде визит карта која ми ја потпиша и утрово едвај ја најдов за да ве поведам токму тука. Да знаете што е Рим! И како и каде се јаде во Рим! И пие.

На враќање, отидов на молитва во Црквата на Ангелите од другата страна на мостот, најдов икона од Св. Лука од Москва, ја купив за внук ми, си купив шешир од црнците на улица оти заврна, и се вратив во сјајот на Хилтон!

И да, не отидов да видам каде живее Папата, а и што ми е гајле каде живее. Секако, не верувам дека ќе ме прими на аудиенција. Папата знае ли каде живее Љубин на Јурија? Не знае! Е па, нека дојде тој кај мене, па после јас кај него. Еве сега ќе ни дојде на гости до Скопје, па ако го води патот кон Велес, бујрум, ќе го пречекам и угостам по велешките калдрми и меани. Имаме и ние со што да се пофалиме, па дури, и немаме потреба да го лажеме.

Пријатно ви патување низ Рим – вечниот град!

Автор на текстот: Димитри Соле Љубин – поет и писател

Back To Top