skip to Main Content

Два документарни филма за браќата Манаки во Кинотека

Два документарни филма за браќата Манаки во Кинотека
  • 30.04.2019

Во Кинотеката вечер ќе бидат прикажани два филма за браќата Манаки – од 18 часот е документарниот филм „Манаки – приказна во слики“ од 2018 година во режија на Роберт Јанкулоски, кој заедно со Илинденка Петрушева е автор и на сценариото, а од 20 часот – романскиот документарен филм „Студија на случај: Браќа Манаки“ на режисерката Елиза Здру.

Филмот на Јанкулоски ја прикажува фотографската работа на Јанаки и Милтон Манаки, првите балкански кинематографери. Со текот на годините браќата Манаки се митологизирани, а додавањето нови и непотврдени информации со цел да се зголеми нивната важност е непотребно и штетно, бидејќи нивното творештво и онака е од големо културно значење не само во Македонија туку и во поширокиот балкански контекст.

-Од оваа причина, секој факт и мислење презентирани во филмот „Манаки – приказна во слики“ се внимателно истражени и потврдени со презентирани артефакти. Приказната се раскажува преку оригинални документарни фотографии следејќи ја нивната работа од отворањето на првото професионално студио во 1898 година во Јанина и подоцнежното селење во Битола, сега познат како град на браќата Манаки, наведува Кинотеката.

Идејата на романската авторка Елиза Здру да направи документарец како „Студија на случај: Браќа Манаки“, пак, се родила на многу интересен начин. Елиза пронашла стара фотографија од своите предци од 20-тите години на минатиот век, која, иако немала потпис, многу потсетувала на стилот на браќата Манаки. Истражувањето околу семејната фотографија постепено се испреплетувало со приказната за животот и делото на браќата Милтон и Јанаки Манаки, а Елиза документарецот, освен во Романија, го снимала и во Грција, Бугарија и во Македонија.

Дел од документарецот го снимала на улиците на Битола, а во 2017 година нејзиниот филм беше прикажан на фестивалот  „Браќа Манаки“. Говорејќи за искуството од снимањето на филмот, Здру истакнува дека во Романија, Грција, Бугарија и во Македонија, каде што истражувала и го реализирала документарецот, слушнала дека браќата Манаки си припаѓаат единствено сами на себе, тие се пионери на кинематографијата на овие простори.

Back To Top