skip to Main Content

Галерија: Најдобрата визуелна уметност на 21 век

Галерија: Најдобрата визуелна уметност на 21 век
  • 13.10.2019
Стив Мекквин во кревет, Аи Веивеи во неволја, Пуси Рајот во црква и Рагнар Кјартансон во када – сите тие се вклучени во листата на 25-те најдобри уметнички дела од 2000 година до денес што ја состави Гардијан. Широко опфаќајќи го спектарот на уметничко изразување, од класични сликарски техники до филм, ТВ, мода, стрипови, овие уметници интензивно го анализираат современиот свет.

25
Такита Дин (Tacita Dean)
Antigone (Антигона)
(2018)

Филмот на Такита Дин, долг речиси еден час, претставува сумирање на нејзината претходна работа. Поетесата Ен Карсон и актерот Стивен Дилан се движат низ светот во еден имагинарен ден во кој сонцето е затемнето. Сместен на различни локации и во различни атмосферски времиња, (Бодмин Мур, Јелоустоун Парк, Вајоминг и Илиноис), со иновативни технички манипулации и впечатливи слики, делото е вистинско уживање.

24
Андреас Гарски (Andreas Gursky)
Amazon (Амазон)
(2016)

Андреас Гарски прави фотографии, но поинакви од оние што вообичаено ги среќаваме. Неговите композитни дигитални прикази се со огромни размери, со хиперреални детали. Тој е уметник кој го слика нашето време, без разлика дали ja лови возбудливата атмосфера на Чикашката берза или нуди питорескен поглед на Рајна – манипулиран пејзаж што не постои во реалниот живот. Вонредниот Амазон нуди увид во нарачките од само еден ден, складирани во џиновско складиште. Тоа е фрлање поглед кон размерот, ако не и кон самиот човечки труд, на глобалната трговија во 21 век.

(Амазон, Андреас Гарски)

23
Тања Остојиќ (Tanja Ostojić)
Looking for a Husband with EU Passport (Барам сопруг со ЕУ-пасош)
(2000-2005)

Родена во поранешна Југославија, Тања Остојиќ одбива да избере националност. Во 2000 објави онлајн оглас – користејќи брутална фотографија од себе, гола и со избричена глава – за сопруг со ЕУ-пасош. Запознала и влегла во брак со еден Германец на перформанс во Белград. Заедно се преселиле во Дизелдорф. Подоцна, двојката го прославила нивниот развод. Проектот претставува истражување на тоа како се спроведуваат човековите трансакции онлајн, користејќи го европското право како уметнички медиум.

22
Стив Мекквин (Steve McQueen)
Illuminer (Осветлувач)
(2001)

Осветлен само од трепкавото светло од телевизиска програма за американската морнарица распоредена во Авганистан, Мекквин се излежува на својот хотелски кревет. Осветлен е од насилството, со силна бучава од телевизорот. Камерата, поставена на телевизорот, ja снима неговата вознемиреност во мракот. Осветлувач има сѐ што е потребно за едно уметничко дело.

21
Волфганг Тилманс (Wolfgang Tillmans)
Freischwimmer
(2003-тековно)

Луѓето создавале слики со милениуми – зошто да губиме време со тоа како се направени? Ова прашање го поставува Волфганг Тилманс. Наскоро откако станал првиот фотограф кој ја освоил наградата Тарнер во 2000, Тилманс започна да експериментира со создавање слики избегнувајќи користење камера, со изложување на фотосензитивна хартија директно на светлина и користејќи хемикалии за да го фиксира приказот. Серијата Freischwimmer се состои од огромни апстрактни принтови кои прикажуваат мали точки обоена течност низ вода.

(Freischwimmer, Волфганг Тилманс)

20
Тања Бругера (Tania Bruguera)
Tatlin’s Whisper #5 (Шепотот на Татлин #5)
(2008)

Двајца униформирани полицајци качени на коњи се движат помеѓу публиката, користејќи техники на контрола на толпа. Бругера исклучително вешто ги истражува релациите на моќ. Делото е исто толку скулптурално колку што е и перформанс. Впечатливи се мирисот на коњите, нивната големина во ограничен простор, несигурноста дали сте публика или субјект.

19
Сара Лукас (Sarah Lucas)
God Is Dad (2005)
Инсталацијата се состои од маса, мали светилки, и растегнат пар хулахопки закачени на закачалка што виси на жица од таванот. Врвовите на хулахопките лебдат во воздух. Светлата се знак на живот. Фигурите на Лукас се полни со патос и хумор, истовремено и јадни и трансцедентни. Во ова дело нејзиното чувство за материјалност и фрагилност е совршено.

18
Артур Јафа (Arthur Jafa)
The White Album (Белиот албум)
(2018)

Oneohtrix Point Never и Иги Поп; снимка од CCTV на која Дилан Руф мирно влегува во црквата во Чарлстон каде уби девет верници; напади на американски дронови во Ирак; хеликоптерска снимка од црн маж тепан од полицајци за време на немирите во Лос Анџелес во 1992; поранешниот реднек расистички јутубер Диксон Вајт ги дискутира стравот и вината на белците; млада жена се врзува во јазли негирајќи го сопствениот расизам… со шокантните спротивставувања, вознемирувачката монтажа на Артур Јафа се бави со контрадикторности, дијалог помеѓу различни гласови и различни ритми.

(една од кинеските посетителки во спалната на Бајка на Аи Веивеи)

17
Аи Веивеи (Ai Weiwei)
Fairytale (Бајка)
(2007)

Во некое далечно време, моќниот Принц на Протестот бил поканет од буржуите во Касел да ја изложи својата уметност на изложба која се одржува на секои пет години, и се смета за најдобра во светот. Овој принц, вешт во новите философии, ги тргнал настрана сликањето и видео-уметноста и објавил дека изложбата ќе биде општествена лабораторија. Илјада и еден граѓанин на Кинапатувале покрај него и како публика и како изложба. И принцот конструирал огромна спална, куфери и алки по кои граѓаните на Касел можеле да ги препознаат граѓаните на Кина и да им посакаат добредојде. И сите живееле среќно до крајот на животот (освен Принцот на Протестот, кој четири години подоцна бил уапсен и затворен 81 ден од сопствената Влада).

16
Крис Офили (Chris Ofili)
The Upper Room (Горната соба)
(2002)

Овој циклус од 14 слики, сите базирани на Ворхоловиот цртеж на мајмун, составен во специјално конструирана и осветлена соба во соработка со архитектот Дејвид Аџае, беше пробив во работата на Крис Офили. Со своите прекрасни бои, детали и хумор, ова дело за Офили го отвори патот кон нов наративен пристап.

15
Хито Стејерл (Hito Steyerl)
How Not to Be Seen: A Fucking Didactic Educational .MOV File (Како да не бидеш виден: ебан дидактички едукативен .MOV документ)
(2013)

Започнувајќи од основното, итно прашање, како да го избегнеме постојаниот надзор во светот, влијателното видео на Хито Стејерл разгледува што значи да се исчезне. Ако надзорот ни делува премногу продорно, тогаш што мислиме за невидливоста која ја имаат многу богатите? Што е со невидливоста овозможена од бурка, од системската нетрпеливост, или од исклучително излагање? Снимено на напуштена сателитска „резолуциска мета“ во калифорниската пустина, Како да не се биде виден е концептуално напнато дело, но ја задржува откаченоста на скечот од Монти Пајтон кој бил инспирацијата. Стејерл нѐ предизвикува да ги промислуваме непријатните прашања со досетливост и шарм.

(Кадар од Како да не бидеш виден од Хито Стејерл)

14
Тино Сегал (Tino Sehgal)
This Variation (Оваа варијација)
(2012)

„Оваа варијација, 2012“, вели глас во целосно црна соба. Прекрасниот перформанс на Тино Сегал се случува во целосен мрак. Перформерите тропаат и пеат, шепотат, викаат и танцуваат. Изведуваат мали рутини, песни и рифови додека гледачот се сопнува на нив и помеѓу нив. Понекогаш доаѓа до конфронтација, а понекогаш има непријатна тишина. Лудо возбудлива, Оваа варијација се бави со сегашноста и присуството, и со тоа што значи да се биде набљудувач.

13
Сузан Хилер (Susan Hiller)
J Street Project (Проект Улица Е)
(2002-05)

Додека живеела во Берлин, Сузан Хилер ја пропатувала Германија, фотографирајќи и снимајќи го секој сообраќаен знак и локација која сѐ уште го содржи префиксот Juden (Евреин), наоѓајќи 303 такви примери. Птиците пеат, автомобилите минуваат, луѓето ги собираат алиштата, додека таа се провлекува во слепи улички и по селски патчиња, градски булевари и непробиени патишта. Во филмот ништо не се случува – веќе се има случено. Филмот трае долго, нагласувајќи ја истрајноста на минатото во сегашноста. Камерата е непоколеблива, додека светот се врти, заборавајќи.

12
Џон Акомфрах (John Akomfrah)
The Unfinished Conversation (Незавршениот разговор)
(2012)

Трогателен, прекрасен, жалосен и инспиративен портрет на животот на Стјуарт Хол, најмудриот културен мислител на повоена Англија. Користејќи повеќе од 800 часови аудио и ТВ материјал од личната архива на Хол, Акомфрах нѐ носи од јамајканското детство на Хол во сивиот Лондон по војната. Но, вистинската тема е приспособливоста на идентитетите – како сме формирани, и бескрајната задача на сопственото преосмислување.

(Проект Време, Олафур Елиасон)

11
Олафур Елиасон (Olafur Eliasson)
The Weather Project (Проектот Време)
(2003)

Сонцето внатре – што има недопадливо во тоа? На халуцинаторните инсталации на Елиасон во Тејт Турбин Хол имало луѓе кои лежеле на подот, топејќи се под светлосната инсталација на небо од сликите на Тарнер, внатре во музејот. Но, тој е многу внимателен уметник, фасциниран од бојата, светлината и кревката состојба на природата. Овој незаборавен спектакл беше највозбудивиот во низата инсталации и интервенции кои го позиционираа Елиасон како еден од најзначајните уметници на векот.

10
Герхард Рихтер (Gerhard Richter)
September (Септември)
(2005)

Базирана на фотографија во весникот Дер Шпигел, малата слика на Рихтер го прикажува мигот кога вториот авион се забил во Кулите Близначки на 11 септември 2001. Сликата е мала колку ТВ-екраните на кои луѓето биле залепени тој ден. Приказот е попречен, речиси уништен со боја, потенцирајќи ја невозможноста да се разбере големината на мигот.

9
Јаел Бартана (Yael Bartana)
And Europe Will Be Stunned (И Европа ќе биде зачудена)
(2007-11)

Земајќи го како почетна точка повикот повеќе од три милиони Евреи да се вратат во Полска, земјата на нивните предци, за да ја спасат од тоа да биде само за „полски Полјаци во Полска“, филмската трилогија на Јаел Бартанаги користи и пресвртува националистичката идеја, европската и старомодна комунистичка партиска реторика, ционистичките сништа, холокаустот и палестинското право на враќање. Бартана го предизвикува светот со ескалирачка иронија, шок и хумор.

(Кадар од И Европа ќе биде зачудена, Јаел Бартана)

8
Дорис Салкедо (Doris Salcedo)
Shibboleth
(2007)

Делото од 2007 на колумбиската уметница, всечено во подот на Тејт Модерн, сѐ уште е делумно видливо во бетонот, како стара лузна. Се движи во цик-цак линија, како мал кањон или како остатоци од земјотрес. Shibboleth евоцира поделба, рана, мана. „Ги претставува границите, искуството на имигрантите, искуството на сегрегација, расна омраза“, вели Салкедо. „Просторот кој го заземаат илегалните имигранти е негативен простор. Така и ова дело е негативен простор.“

7
Ваел Шоуки (Wael Shawky)
Cabaret Crusades (Кабаре Крстоносни)
(2010-15)

Лабаво инспириран од делото Крстоносните војни низ арапски очи од либанскиот писател Амин Малуф, филмската трилогија на египетскиот уметник Ваел Шоуки е циклус на заговор и предавство, кланица и поезија. Авторот користи кукли,некои од нив многу стари, изработени од глина или мурано стакло. Притоа, тешко е да се следат сплетките помеѓу Шиа и Сани, и лицемерните поделби и расправии на христијанските напаѓачи, кои од Арапите во тоа време биле сметани за нецивилизирани варвари.

(Кадар од Кабаре Крстоносни, Ваел Шоуки)

6
Кристијан Марклеј (Christian Marclay)
The Clock (Часовникот)
(2010)

Малкумина ќе ја видат целата видео монтажа на Марклеј, составена од приближно 12.000 извадоци од филмови и трае 24 часа. Делото е секогаш синхронизирано со реалното време каде и да се прикажува. Следејќи го дневниот ритам на секојдневниот живот, видеото наизменично е весело, секси, конспиративно, манично и жално.

5
Тереза Марголес (Teresa Margolles)
What Else Could We Talk About? (За што друго би можеле да разговараме?)
(2009)

Еднаш дневно, млад човек ги бришеше подовите на венецијанска палата, со крпи натопени во крвта на жртвите на насилството во Мексико. Limpieza (Чистење) на Тереза Марголес, кое беше дел од нејзиниот поголем проект на мексиканскиот павилјон на Венецијанското биенале во 2009, претставуваше истовремено секојдневна рутина и мрачен одговор и на државното и на криминалното насилство. Истовремено чистејќи го и валкајќи го подот, Limpieza беше емфатичен, незаборавен, трагичен и нежен.

4
Пуси Рајот (Pussy Riot)
Punk Prayer (Панк молитва)
(2012)

Често наидуваме на слаба политичка уметност: софистицирана, популарна, реакција на изминати настани, која промовира либерални вредности на либерална публика. Перформансот Панк молитва на Пуси Рајот го зазема спротивниот пол: феминистички, експлицитно анти-Путин, протест против забраната на геј правата и против поддршката што православната црква му ја дава на претседателот. Членките на колективот, Надежда Толоконикова и Марија Алјокина, биле уапсени и затворени по изведбата во катедралата Христос Спасителот во Москва. Нивниот перформанс сѐ уште претставува моќен симбол на отпор наспроти изгубените слободи.

(Untilled , Пјер Хјуиге)

3
Пјер Хјуиге (Pierre Huyghe)
Untilled
(2011-12)

Градина, дивина, инсталација и перформанс – делото на Пјер Хјуиге за Документа во 2011 делува како елегија за свет што умира. Помеѓу редови коприви цветаат разновидни чудни растенија: буника и афион, афродизијаци, отрови и психотропни растенија. Покрај езерце стои статуа на жена што лежи, со вистински пчеларник на местото на главата. Наоколу се шетаат две кучиња, едното од нив има нога обоена во розово. „Живи нешта и неживи нешта, изработени и неизработени“, се вели во авторовиот опис на ова прекрасно дело.

2
Џереми Делер (Jeremy Deller)
The Battle of Orgreave (Битката на Оргрив)
(2001)

Историјата ја пишуваат само победниците – таа е извезена на прекрасни воени таписерии на нивните ѕидови, херојствата ги сликаат на платна за нивните палати. Во портретирањето на брутален судир помеѓу штрајкувачи и полиција во Јужен Јоркшир за време на штрајкот на рударите во 1984-1985, Делер го одбрал обратниот пристап во прикажувањето на оваа страшна конфронтација. Битката на Оргрив, опишана од уметникот како „повторно одигрување на злосторство со илјада луѓе“, била остварена со помош на 800 глумци и 200 поранешни рудари. За сите нив, настанот живо сеќавање. Еден вид споменик, овој перформанс е истовремено ритуал, спектакл, жива архива и простор за жалење.

(Рагнар Кјартансон во Посетителите)

1
Рагнар Кјартансон (Ragnar Kjartansson)
The Visitors (Посетителите)
(2012)

Снимено на Рокеби Фарм, огромна, разорена куќа, некогаш поседувана од фамилијата Астор во Њујорк, Посетителите е видео во кое исландскиот уметник и неговите пријатели, вклучително и членови на бендот Sigur Rós, свират песни чии текстови се напишани од поранешната сопруга на Кјартансон, Асдис Сиф Гунарсдотир. Рагнар го разбира нејзиниот текст како коментар на она што го нарекува „заедничкиот пораз“ на нивниот брак. Музиката е напишана од Кјартансон и неговиот соработник Давид Тор Јонсон.

Пријателите на уметникот свират различни делови од истата песна, која се повторува одново и одново, повеќе од еден час. Пар близнаци свират на концертина и чело во различни соби – сите музичари се слушаат меѓусебно преку слушалки. Има двајца пијанисти, гитарист, тапани. Посетителите е перформанс во живо и секој музичар може да се види на посебен екран. Надвор на тремот има забава, каде моменталните сопственици на куќата уживаат во квечерината. Заедно со зајдисонцето, музиката се засилува и прекинува, па повторно се засилува. Песната се повторува и се развива, достигнува лажни крешенда и платоа. Рагнар, во бањата, целосно покриен со меурчиња од сапун, пее: „Околу тебе експлодираат ѕвезди / И, ништо / Ништо не можеш да направиш“.

Насловот на делото е позајмен од последниот албум на Abba, кога бендот се распаѓаше. Апсурдностите и одолговлекувањата во филмот, светлината, и концентрацијата на сите изведувачи и повторувањата на песната се целосно хипнотизирачки. Младоста и идеализмот делуваат како сон кој бледнее во вечерната светлина. Посетителите е еден вид продолжено збогување со романтизмот, кон кој Рагнар чувствува и привлечност и сомнеж. Кревкоста на пријателството и љубовта, заедништвото и пропустите во комуникацијата – сите имаат своја улога тука. И самите се чувствувате како гости во овој чудесен, заводлив филм.

Извор: The Guardian

Back To Top