skip to Main Content

Во Дебар отворен фолклорниот фестивал „Ода дибране“

Во Дебар отворен фолклорниот фестивал „Ода дибране“
  • 18.10.2018

Во Дебар синоќа беше одржана првата вечер од 24-то издание на фолклорниот фестивал „Ода  дибране“ (дебарска соба), кој традиционално се одржува во албанскиот пограничен град Пешкопеја.

Фестивалот за отворен го прогласија градоначалниците на Дебар и на Пешкопеја, Ружди Љата и Михарем Рама.

– Оваа значајна манифестација им припаѓа на сите Албанци. Дебар е познат како место на уметноста и гордоста. Од Дебар потекнуваат многу уметници кои се познати не само во Дебар и кои дале голем придонес во областа на уметноста. Оваа манифестација ги обединува двата града, културите и придонесува во заштитата на албанското фолклорно богатсво, рече меѓу другото дебарскиот градоначалник Љата.

За неговиот колега од Пешкопеја, градоначалникот Рама, овој фолклорен фестивал е многу значен во негувањето на фолклорните традиции и е најголема ваква манифестација, по онаа во Ѓирокастро.

Пред дебарската публика, во големата спортска сала со песни и ора  од „сеалбанските простори“ се претстави Националниот ансамбл за песни и ора од Тирана.

Фестивалот „Ода дибране“ првпат е одржан во 1994 година во пограничниот албански град Пешкопеја, кој од Дебар е оддалечен 23 километри, а од 2014 година првата фестивалска вечер се одржува во Дебар.

Во следните три дена фестивалот продолжува во Пешкопеја, со настап на фолклорни групи и ансамбли на Албанците од регионот, а ќе заврши со доделување на наградите за најуспешните.

Back To Top