skip to Main Content

Вердиевиот Реквием на концертот на Филхармонијата 

Вердиевиот Реквием на концертот на Филхармонијата 
  • 25.04.2019

Филхармонијата заедно со Хорот на Операта вечер од 20 часот, по подолга пауза на македонската сцена, ќе го изведe Реквиемот на  Џузепе Верди, кое се смета за едно од  најмоќните и најдраматичните дела во историјата на класичната музика.

Солисти на концертот се сопранистката Весна Ѓиновска-Илкова, американската мецосопранистка Елени Матос, корејскиот тенор Дејвид Јунгхон Ким и бас-баритонот Милан Силјанов. Оркестарот ќе го води диригентот Емил Табаков од Бугарија.

– Реквиемот претставува прекрасна фузија од опера, драма, симфонија, од возбудливи, виртуозни соло мигови, од радост и среќа, до патос и тага, од едноставни „реченици“ кои ја растоваруваат мислата, до длабока филозофска идеја за чија суштина вреди да се размислува, наведува Филхармонијата во најавата на концертот.

Вердиевиот Реквием е посветен на двајца славни италијански уметници – писателот Алесандро Манцони и композиторот Џоакино Росини. „Само гениј би можел да напише вакво дело!“ – изјавил композиторот Јоханес Брамс, а критиката напишала дека „Реквиемот на Верди е дело со ’најсконцентрирани’ емоции – сите човекови чувства ставени на толку малку страници. Музиката е директна и моќна, вознемирувачка, величествена…“

Back To Top