skip to Main Content

Јавноста може да следи колку капитални инвестиции реализирал секој буџетски корисник

Јавноста може да следи колку капитални инвестиции реализирал секој буџетски корисник
  • 29.10.2019

На веб страницата на Министерството за финансии денеска е објавена нова алатка за транспарентност преку која може да се следи реализацијата на капиталните инвестиции за секое министерство, дирекција, агенција, односно секој буџетски корисник одделно и преку тоа да влијае на институциите да го подобрат извршувањето

Новата алатка покажува колку од капиталните расходи предвидени со Буџетот секоја институција има реализирано досега – како процент од планираното и апсолутен износ, како и колку до крајот на годината треба да реализира, соопшти денеска Министерството за финансии.

Објавените податоци покажуваат дека заклучно со септември се реализирани вкупно 37,64 проценти од предвидените капитални инвестиции, односно од 138.955.547 евра  од проектираните 369.208.020 евра. Алатката покажува дека министерството за информатичко општетсво и администрација реализирало 13,1 процент, за труд и социјална политика 21 процент, за земјоделство 24,16 проценти, за образование 30 проценти, за животна средина 33 проценти, за здравство 39,62 процента, за економија 55,87 проценти, за транспорт и врски 58,98 проценти, за финансиии 76,51 процент.

Министерката за финансии Нина Ангеловска неодамна ја најави оваа алатка, во насока на зајакнување на транспарентноста и на дисциплината на институциите да ги реализираат проектите кои ги најавиле при кроење на буџетот.

– Во дигиталната ера имаме широк простор за подобрување на фискалната транспарентност. Освен отченоста кон јавноста за трошењето на државните пари, фискалната транспарентност има улога и на коректор. Имено, ако јавноста лоцира дека одредена институција има помала реализација на капиталните инвестиции од очекуваното, преку јавното мислење ќе може да влијае на таа институција да го подобри перформансот. Се разбира, дека оваа алатка е само една од повеќето мерки за унапредување на процесите на буџетирање и извршување на Буџетот. Програмата за управување со јавни финансии вклучува бројни реформи меѓу кои и интегриран информациски систем за управување со јавни финансии, со кој ќе се подобри целокупниот процес од планирање до реализација на расходите, вели Ангеловска.

Алатката која ја покажува реализацијата на капитални инвестиции по институција на веб-страната на Министерството за финансии ќе објавува нови податоци на месечно ниво.  Таа може да се најде на   http://kapitalni-rashodi.finance.gov.mk/.

Капиталните расходи или капитални инвестиции, се расходите на буџетските корисници наменети за трајни добра како патишта, училишта, болници, водоводи, студентски домови, спортски објекти, апарати за здравството, опрема хардвер, софтвер…

Со ребалансот на Буџетот капиталните инвестиции беа намалени за околу 50 милиони евра и од претходно планираните 420 милиони евра беа проектирани на 370 милиони евра.

Back To Top