skip to Main Content

Танасоски: Наскоро нов интегриран софтвер за олеснување на царинските процедури

Танасоски: Наскоро нов интегриран софтвер за олеснување на царинските процедури
  • 25.12.2018

Воведувањето на новиот интегриран софтвер за обработка на царински декларации и акцизни документи ќе биде главниот предизвик за Царинската управа на Република Македонија (ЦУ) во наредната година.

Како што најави денеска директорот на ЦУ Ѓоко Танасоски, новиот софтвер првично како пилот проект ќе биде воведен во неколку царински испостави во текот на февруари идната година, а целосно ќе биде функционален на крајот од вториот квартал од годината.

-Со имплементација на овој софтвер се заменува веќе застарената процедура од 1994 година која предизвикуваше многу застои и проблеми како за економските оператори, така и за царинските службеници. Со воведувањето на новиот софтвер за четири часа ќе се скрати времето на чекање на камионите на економските оператори на границата со што ќе се предизвикаат заштеди од 5,2 милиони евра за компаниите. Тоа од друга страна ќе ја зголеми нивната конкурентност и ќе доведе до олеснување на протокот на стоки и патници на граничните премини и терминалите, рече Танасоски на денешната средба со новинарите.

Тој посочи дека ЦУ годинава за 11,1 отсто ги натфрли приходните во однос на 2017 година и додаде дека по сите основи се наплатени околу 85 милијарди денари заклучно со 21 декември. Тоа, како што рече, е повеќе од еден отсто од планот за 2018 година.

-Подобрената наплата на приходите се должи на подобрувањето на царинските процедури и на работата на царинските службеници, но и на финансиската дисциплина на економските оператори, рече Танасоски.

Годинава, потенцира, за 8.400 е зголемен бројот на увоз на користени возила во однос на  2017 година и додаде дека во земјава многу повеќе се увезуваат користени возила во споредба со нови.

Најави дека наскоро две фирми ќе станат „овластен економски оператор“ со што, посочи, во ЦЕФТА земјите ќе бидат третирани како домашни, а тоа ќе им ги намали трошоците и ќе им ја зголеми конкурентноста.

Back To Top