skip to Main Content

Протест заради неисплатени плати на вработени во ЗК „Пелагонија“- Битола

Протест заради неисплатени плати на вработени во ЗК „Пелагонија“- Битола
  • 27.03.2019

Вработени во најголемиот македонски земјоделски комбинат „Пелагонија“, денеска во Битола одржаа втор протестен собир и посочија дека е со иста цел и барање, исплата на задоцнети плати.

Учесници во протестот информираа дека не им се исплатени февруарската и дел од јануарската плата.

– Ако нашите барања не се исполнат, ќе протестираме и утре. Доцнењето со исплата на платите почна од ноември, минатата година и се уште не е стабилизирано, истакнаа незадоволни работници од ЗК „Пелагонија“.

Според финансискиот директор Павле Цветаноски, околу 500 работници денеска или најдоцна до утре ќе ја добијат февруарската плата.

– ЗК Пелагонија, во моментов сите свои тековни обврски ги извршува успешно. Финансискиот трошок во овој период изнесува три до четири милиони евра. И во минатото и денес, ЗК Пелагонија беше и се уште е финансиски стабилна. Одредените проблеми со кои се соочи, беа директно предизвикани од Стопанска банка Скопје што наплати 2.000.000 евра недоспеани кредити, а тоа значи дека десет плати на нашите работници, беа предвреме земени. Притоа, треба да додадам дека платите на вработените во ЗК Пелагонија не се минимални. Колку за пример, трактористите во зависност од категорија земаат надомест од 25.000 до 40.000 денари. Просечната плата на нашите вработени изнесува 550 евра. Затоа, ние како раководни лица, проблемот со доцнењето на платите, се обидуваме да го надминеме на најлесен можен начин, без притоа инцидентно да носиме одлуки што на долг рок негативно ќе влијаат врз иднината на Комбинатот или на нашите вработени. Штрајкот на работниците е легитимно право во секоја работна организација, па така и во нашата. И никој ова право не го оспорува. Но, она што мораме да го знаеме и ние, но и нашите вработени, е дека производниот процес не смее да застане, соопшти Цветановски.

Менаџментот на ЗК Пелагонија, најави редовно и навремено информирање на своите вработени.

Back To Top