skip to Main Content

Пристигнува ли Фолксваген во Бунарџик?

Пристигнува ли Фолксваген во Бунарџик?
  • 25.12.2018

Македонија е една од можните локации за изградба на фабриката која германскиот производител на автомобили „Фолксваген“ планира да ја гради на Балканот. Во неа треба да се вработат околу 5.000 луѓе, а ќе се произведуваат моделите „шкода карок“ и „сеат  атека“ кои ќе бидат префрлени од преоптоварените погони во Чешка.

Според нашите извори, претставниците на германскиот автоконцерн веќе се во посета на регионот и прибираат податоци за поволностите што ги нуди секоја од земјите- кандидати. Покрај, Македонија, во игра уште се и Романија, Бугарија и Турција. Засега, „Фолксваген“  нема остварено средба на официјално ниво со македонски владини и државни функционери, туку, како што дознаваме, во земјава има ангажирано реномирана консултантска компанија која за нивни потреби ја „снима“ економската слика на земјавa. Предност за Македонија може да бидат слободните економски зони и поволностите и даночните олеснувања кои се даваат во нив за инвеститорите. Но, голем минус при оценувањето на земјава може да биде недостигот од квалификувана работна сила, која ќе биде подготвена да одговори на потребите на германскиот авто- гигант, иако имаме голем број невработени луѓе.

Инаку, германските медиуми пишуваат дека одлуката за новата фабрика треба да биде донесена во ноември 2019 година, во рамките на следната рунда на планирање на трошоците од Надзорниот одбор на „Фолксваген“, јавува фактор.мк.

Најголемиот производител на автомобили во светот објави во минатиот месец дека инвестициите во електрична мобилност, технологијата за автономно возење и дигитализацијата ќе се зголемат до речиси 44 милијарди евра во следните пет години. Од нив, 30 милијарди евра се наменети за електрична мобилност, рече извршниот директор Херберт Дис. Тој исто така најави дека производството на „шкода карок“ и „сеат атека“ треба да биде префрлено во нова фабрика за неколку брендови, за која се бара локација во Источна Европа. Сега овие два модели се произведуваат во фабриката на „Шкода“ во Квасини во Чешка.

Изградба на нова фабрика се наметнува, бидејќи „Фолксваген“ почнува масовно производство на електрични возила и некои од сегашните модели, како „пасат“, на пример, ќе бидат пренасочени токму кон фабриките на „Шкода“, која и без тоа работи со полн капацитет, пренесува агенцијата ДПА.

Сепак, се уште ништо не е одлучено. Најавите за нови фабрики го мобилизираа и работничкиот совет на автомобилскиот гигант. Според вработените, треба да се испита дали не е подобро да се искористат постоечките фабрики отколку да се прави целосно нова инвестиција. Тие сметаат дека може да се искористат погоните во Салцбург во Германија, Полковице во Полска или во Ѓер во Унгарија.

Back To Top