skip to Main Content

Жерновски на конференција во Шпанија: Владата на Македонија работи посветено на развојот на енергетскиот сектор

Жерновски на конференција во Шпанија: Владата на Македонија работи посветено на развојот на енергетскиот сектор
  • 27.10.2018

Заменик министерот за надворешни работи, Жерновски имаше свое обраќање на панелот на тема: „Енергијата како предуслов за економски равој и соработка во Медитеранот”. Истакна дека Владата на Република Македонија работи посветено на развојот на енергетскиот сектор, а за тоа говорат бројните реформски процеси кои се одвиваат на овој план. Донесениот Закон за енергетика кој е усогласен со европските директиви, покрај низата предности кои ги нуди овозможува стимулирање на употребата на обновливите извори на енергија како и низа можности за македонските енергетски компании, што ќе ги направат конкурентни на светскиот пазар и во новата енергетска транзиција.

Во разговор со министрите за надворешнии работи на Словачка и Шпанија, Лајчек и Фонтелес, како и со Генералниот секретар на ОБСЕ, Гремингер, беше истакнато дека процесите за интеграција на Република Македонија во ЕУ и НАТО бележат динамичен и видлив напредок, а резултираа со започнувањето на скрининг процесот со ЕУ минатиот месец, како и стартот на пристапните преговори со НАТО минатата седмица.

На маргините на Конференцијата, Жерновски оствари билатерални средби со: ЗМНР на Шпанија, Грција, и Романија, Марзо, Квик и Камба како и со државните секретари за надворешни работи на Италија и Црна Гора, Пики и Јанковиќ.

На средбите, соговорниците беа запознаени со актуелната состојба во Република Македонија.

Од страна на сите соговорници, без исклучок, беа упатени честитки за успешното гласање во Собранието на Република Македонија, при што беше оценето дека сегашните позитивни поместувања во Република Македонија претставуваат силен исчекор за евроатлантската интеграција на земјата.

„Една од одговорностите на политичарот е да се издигне над партиските интереси и да работи за интересите на граѓаните”, нагласи Жерновски на средбите, надополнувајќи дека можноста да придонесуваш во овој проект со кој се обезбедува спокојна и просперитетна иднина за сегашните и идни поколенија е безусловна мотивација.

Соговорниците упатија уверување дека ќе останат силни партнери на Република Македонија и ќе се залагаат за финализирање на нејзиниот евроатлантски процес.

Back To Top