skip to Main Content

Евростат: Македонските пензионери меѓу оние со најмал ризик од сиромаштија во Европа

Евростат: Македонските пензионери меѓу оние со најмал ризик од сиромаштија во Европа
  • 28.01.2019

Сиромаштијата им се заканува на сè поголем број пензионери во Европа и во регионот, објави „Евростат“, но не и на македонските пензионери. Истражувањето е релативно бидејќи се зема можноста што ја имаат пензионерите за потрошувачка во однос на другите членови од домаќинството во сопствената земја.

Откако ќе се иземат даноците и другите одбитоци, на 93 отсто од македонските пензионери им останува над 60 отсто од просечната потрошувачка што може да си ја дозволи кој било член од домаќинството. Според истражувањето само на 7,1 отсто од македонските пензионери во 2017-та им се заканувало сиромаштија.

Новите бројки од Еуростат покажаа тренд во зголемувањето на бројот на пензионери погодени од сиромаштијата. Во 2017 година, 14,2 проценти од пензионерите биле под закана од сиромаштија во просек во Европа.

Највисок процент е во Естонија – 46,1 проценти, но висок е и во Обединетото Кралство (19,1 проценти) и Германија (17,5 проценти). Бугарија е четврта со 32,4 отсто пензионери под ризик на сиромаштија, а во врвот е и Швајцарија со 26 отсто.

Турција има најмал процент на пензионери погодени од сиромаштијата – 4,9 проценти (2016). Помал ризик од Македонија имаат уште само француските пензионери со 7,0 отсто.

Во земјите од регионот сиромаштијата е најголема закана за пензионерите во Хрватска – 24,5% се под закана. Во Србија, 17,5 отсто од пензионерите се под закана од сиромаштија. 15,9 проценти од пензионерите во Словенија се погодени од сиромаштијата, а Босна и Херцеговина и Црна Гора не се вклучени во истражувањето.

Back To Top