skip to Main Content

Домашното магаре го извезуваме „на црно“, а соседите го чуваат и прават бизнис

Домашното магаре го извезуваме „на црно“, а соседите го чуваат и прават бизнис
  • 08.06.2018

Домашното магаре во Македонија е загрозен вид и полека изумира, додека околните земји од него прават сериозен бизнис. Произведуваат сирења што чинат 1.000 – 1.500 евра килограм, скапи козметички препарати посебно за нега на кожа, а се продава и млекото, по 30 – 50 евра за литар. Во Италија дури има и посебни кланици за производство на магарешко месо кое достигнува 20 – 50 евра за килограм.

Кај нас засега нема никаква евиденција, ниту се знае колку точно магариња има, зашто копитарите (магариња, коњи, мазги, мулиња) не се обележани иако Правилник за чипување постои од 2011 година. Оние магариња, пак, што се уште егзистираат на овие простори, преку прекупци се носат во околните држави и се продаваат многу евтино. Така неповратно ги губиме, вели професорот Ѓоко Буневски од Факултетот за земјоделски науки и храна (ФЗНХ).

Од овие причини, Здружението на граѓани „ЗГ БУША – Скопје“ со ко-финансирање на ГЕФ Македонија минатата година почна проект за заштита на домашното магаре. Проектот утре ќе разултира со претставување на првата пилот-фарма со матично стадо од домашни магариња во земјава.

Фармата се наоѓа во охридското село Велестово, а сопственик е Роберт Шиникоски.

Шиникоски во рамки на проектот доби десет домашни магариња, девет женки и едно машко.

– За проектот аплициравме во мај 2017 година, а стартувавме во ноември. Препораките на ФАО за заштита на генетските ресурси во сточарството, според кои е скроена нашата Програма за биодиверзитет, велат дека ако некоја земја има под 1.000 единки од некој вид добиток, тогаш тој е загрозен. Кај нас се уште не може да се утврди бројот на домашни магариња, зашто досега се обележани (чипувани) кози, овци, крави, говеда, а почна обележувањето и на кучињата. Но, копитарите не се обележани. Сега се прави чекор напред токму во таа насока, истакнува проект-координаторот Зоран Салтамарски.

Според него, мора да се нагласи потребата од заштита на домашното магаре.

– Поради индустријализацијата, овој вид го има само во посиромашните региони. Многу ретко веќе некој го чува. Околните држави даваат поддршка од преку 250 евра за грло автохтоно магаре годишно поради што, во последно време, прекупците на добиток ги носат нашите магариња преку граница, ги извезуваат и ги продаваат. Магарињата затоа мора да се заштитат. Тоа е главниот акцент на нашиот проект. Да се стави до знаење дека овој наш автохтон вид треба да се заштити, потенцира Салтамарски.

И професорот Буневски порачува дека Македонија треба да стори се за да го зачува авотхотоното магаре. Додека некој знае да продаде убава приказна, ние, предочува, го продаваме „за џабе“ во Албанија, Грција, Косово, Србија, Хрватска, БиХ.

Back To Top