skip to Main Content

Годинава се очекува реализација на капиталните инвестиции и раст на платите

Годинава се очекува реализација на капиталните инвестиции и раст на платите
  • 04.01.2019

Одржливи економски перспективи, повисоки плати, нови вработувања и сериозна реализација на капиталните инвестиции, се очекувањата на Владата во оваа година.

Според премиерот Зоран Заев, 2019. треба да ја гледаме како година на остварување економски резултати и во која економијата ќе функционира за секого за што се поставени услови во изминатиот период.

-Буџетот за 2019  е дизајниран да ја одржи макроекономската стабилност и фискалната консолидација и е проектиран со очекуван раст од 3,2 проценти од Бруто домашниот производ. Фискалната политика  на Владата за 2019 година е во функција да обезбедува раст на македонската економија, социјална сигурност и забрзување на пристапувањето во НАТО и интеграциите во ЕУ. Во 2019. ќе продолжи трендот на раст на платите и на вработувањата во приватниот сектор поддржан со владини мерки со што ќе се зголеми расположивиот доход во домаќинствата, рече Заев на вчерашната заедничка прес-конференција со министерот за финансии Драган Тевдовски.

Ако се поситигне раст од 4 проценти во првиот квартал од годинава, посочи, може да се остварат проекциите за планираниот силен економски раст за целата година.

Во фокусот,  според премиерот, ќе бидат изградбата на патиштата и железницата,  гасификацијата на државата, ќе се отворат и доста инвестиции со јавни приватни партнерства и со концесии во повеќе области, како што се енергетиката, инфраструктурата, земјоделството…

-За разлика од минатата година сега немаме проблеми во проектните документации и немаме претходни прашања за решавање. Потпишан е дури и грантот со ЕБОР од 68,6 милиони евра за втората фаза на железницата кон Бугарија и конечно е направен договорот за старувањето на блокираната прва фаза на коридорот 8 за железницата. Очекуваме интензитетот на работите да се засилува на првата фаза, а ако евалуацијата за втората фаза заврши во првите два, три месеци од годинава и се избере изведувачот во вториот квартал ќе влезе во изградба и овој дел од железницата во вредност од 147 милиони евра во кои влегува и грантот од 68,6 милиони евра, рече Заев, додавајќи дека нивото на реализација на капиталните инвестиции во 2018 година достигна до 67 отсто, но оти не се задоволни од реализираното.

Минситерот за финансии Драган Тевдовски потенцира дека се очекува бруто инвестициите годинава да бидат повисоки за 4,2 проценти на реална основа, а во надворешната трговија да продолжат позитивните движења со очекуван реален раст на извозот на стоки и услуги од осум проценти при реален раст на увозот од 6,8 проценти. Очекувањата се реалниот економски раст да се забрза на 3,2 проценти, придружен со раст на вработеноста поттикнат со мерки за вработување во износ од 1,1 милијарда денари и поддршка на претпријатијата од 2,8 милијарди денари за инвестиции и отворање нови работни места.

Силна стапка на раст на платите од 4,5 проценти се очекува да продолжи и годината и тоа и во приватниот и во јавниот сектор.

-Минатата година ја завршивме со просечна плата од повеќе од 24 илјади денари или 400 евра. Можам да најавам дека дополнително ќе донесеме одлука за зголемување на минималната плата, бидејќи со нејзиното зголемување почна спиралата на раст на просечната плата што траеше до септември, а видовме дека продолжи и потоа, рече Заев и додаде дека има реални можности пред крајот на мандатот како што е ветено да се постигне просечна плата од 500 евра во земјава.

Back To Top