skip to Main Content

Во следните 30 месеци ќе се спроведува проект за енергетско-ефикасно градење (видео)

Во следните 30 месеци ќе се спроведува проект за енергетско-ефикасно градење (видео)
  • 27.09.2018

Во следните 30 месеци во Македонија ќе се спроведува проект за одржливо енергетски-ефикасно градење кој треба да му се помогне на градежниот сектор да биде во чекор со вредностите и стандардите на градежништвото во европските држави.

За првпат ќе се имплементира и алатката БИМ која ќе ги содржи сите податоци при градење, почнувајќи од градежен проект, преку фазата на имплеметација, се до користење на зградата.

–  Алатката БИМ треба да им помогне на градежните компании да градат енергетски ефикасни згради и со самото тоа очекуваме градежниот сектор да оди во чекор со она што го бара ЕУ. Тоа не само што ќе придонесе за јакнење на конкуретноста во градежниот сектор, туку ќе придонесе и за постигнување на параметрите кои Македонија се обврзала да ги постигне до 2020 година во договорот со ЕУ, изјави денеска Владанка Аризанковска од Стопанската комора на Македонија на конференцијата организирана по повод почетокот на проектот.

Преку проектот ќе се реализираат низа обуки, а една од целите е да се препознаат и вештините и знаењата со кои располагаат работниците и за тоа да им бидат дадени соодветни сертификати.

– Важно е да се знае кои работници се сертифицирани бидејќи во градежниот сектор многу од работниците немаат формално образование, а на терен ги стекнуваат своите знаења и вештини. Наша цел ќе биде да ги препознаеме тие вештини и знаења и да им дадеме сертификат за тоа што всушност тие знаат, појасни професорката Христина Спасевска од Факултетот за електротехника и информатички технологии.

Според неа, ако има обучени работници, инженери, менаџери и инвеститори ќе може да се подобрат и правилата и начинот на градба во Македонија.

Од страна на Владата ветена е институционална помош. Министерот без ресор Зоран Шапуриќ изјави дека Владата останува цврсто определена за дијалог со коморите, експертите и универзитетските професори и ќе биде во целосна комуникација со нив.

– Мислам дека проектот ќе биде солидна база за воведување на нови практики бидејќи како земја кандидат очекуваме да ги отпочнеме наскоро преговорите со ЕУ, изјави Шапуриќ.

Back To Top