skip to Main Content

Во Делчево отворена швајцарско-македонска консултантска фирма за посредување за работа

Во Делчево отворена швајцарско-македонска консултантска фирма за посредување за работа
  • 05.04.2018

Швајцарско-македонска консултантска фирма која ќе посредува македонски работници да најдат работа во Швајцарија, е отворена во Делчево.

Иницијативата е на делчевскиот иселеник Небојша Веселинов и неговиот татко Лазо Веселинов кој вели дека новата консултантска фирма Swissmak ќе биде одлична врска меѓу швајцарските партнери и македонските работници.

– Целта ни беше да се направи консултантска фирма која ќе овозможува работна сила од Македонија да има директен контакт со нашите партнери од Швајцарија преку договори склучени исклучиво на македонски и француски. Tоа значи дека платата ќе биде исплатена во банка, а ние како консултантска фирма нема да имаме допир со парите, туку ќе бидеме врска само меѓу партнерите од Швајцарија и работниците од овде, граѓаните од нашата општина, истакна Лазо Веселинов.

Тој вели дека целта на консултантската фирма во Делчево е да ги застапува партнерите од швајцарскиот кантон Вале. Според Веселинов ова ќе биде одлична придобивка за граѓаните на Делчево, особено за помладата популација.

-Мислам дека голема придобивка ќе биде за младите и целото население ќе има голем прилив на финансиски средства кои ќе ги трошиме во нашата општина, младите ќе заработуваат пари дали тоа ќе биде за школство, градење на куќи и други нивни лични потреби. Ова е прво нешто што во нашата општина се отвора. Jас го поддржувам и се надевам дека ќе бидеме успешни, додаде Веселинов.

Веселинови одбележуваат 30 години од својата работа во Швајцарија. Во Швајцарија започнале со работа во хотелиерството, па низ годините професиите се менувале, а акумулираното искуство послужило тие да започнат свој бизнис во Делчево.

– Во Швајцарија во ресторан хотел работев шест години, па понатаму барајки подобро работно место работев во фирма за пвц врати, па во транспортот. Со сето тоа искуство кое го стекнавме ја добивме од поодамна идејата знаејки дека со вакви проекти ќе влијаеме за подобрување на животниот стандард на секој граѓанин од нашата општина. Со отворањето на фирмата стотици илјади франци и евра ќе бидат внесени во нашата општина можеби и милиони, пари кои нашите граѓани ќе можат да ги трошат средствата овде, вели сопственикот на фирмата Swissmak.

Консултантската фирма се наоѓа во комплексот „Пела“ во Делчево.

Back To Top